Основање на невладина организација (здружение)

Невладина организација (здружение) можат да основаат најмалку пет основачи односно физички или правни лица.

Адвокат Сара Маркоска

1/25/20241 мин читање

two hands
two hands

Невладина организација односно здружение можат да основаат најмалку пет основачи (физички и правни лица), а тројца од основачите мора да имаат живеалиште или престојувалиште, односно седиште на територијата на Република Северна Македонија. Здружение на граѓани може да основаат и малолетни лица со навршена 15-годишна возраст преку изјава за согласност за основање на здружение од нивниот законски застапник, за целите за кои се основа здружението во согласност со закон.

Членувањето во здружението е доброволно. Основачите се членови на здружението со еднакви права и одговорности, како и другите членови на здружението. Физичко лице може да биде член на здружението независно од неговата возраст во согласност со статутот. Малолетно лице со наполнети 14 години се зачленува во здружението со давање потпишана изјава за согласност на неговиот законски застапник.

Со здружението управуваат членовите непосредно или преку избраните претставници во органите на здружението. Собранието е највисок орган на здружението и го сочинуваат сите членови. Со статутот може да се определи начинот на претставување на членовите на здружението во собранието на здружението, преку свои избрани претставници. Здружението има едно или повеќе лица овластени за застапување на здружението (застапник) избран, односно именуван на начин утврден со статутот. Со статутот на здружението може да се предвидат и други органи на здружението.

Здружението се основа на основачко собрание, на кое се донесува акт за основање, програма, статут и се избираат органите на здружението.

Здружението се стекнува со својство на правно лице со уписот во регистарот што го води Централниот регистар на Република Северна Македонија. Запишувањето во регистарот се врши со пријава за запишување која се поднесува во рок од 30 дена од денот на донесувањето на актот за основање.

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Доколку ви е потребен правен совет контактирајте адвокат.