Договор за заем

Со договорот за заем се обврзува заемодавецот да му предаде на заемопримачот определен износ пари или определено количество други заменливи предмети, а заемопримачот се обврзува да му го врати по извесно време истиот износ пари, односно истото количество предмети од ист вид и квалитет.

Адвокат Сара Маркоска

7/24/20241 мин читање

closeup photo of 100 US dollar banknotes
closeup photo of 100 US dollar banknotes

Со договорот за заем се обврзува заемодавецот да му предаде на заемопримачот определен износ пари или определено количество други заменливи предмети, а заемопримачот се обврзува да му го врати по извесно време истиот износ пари, односно истото количество предмети од ист вид и квалитет. Заемопримачот може да се обврзе покрај главнината да должи и камата.

Заемодавецот е должен да ги предаде определените предмети во договореното време, а ако рокот за предавање не е определен, тогаш кога тоа ќе го побара заемопримачот. Правото на заемопримачот да бара предавање на определени предмети застарува за три месеци од паѓањето на заемодавецот во задоцнување, а во секој случај престанува за една година од склучувањето на договорот.

Ако се покаже дека материјалните прилики на заемопримачот се такви што е неизвесно дали тој ќе биде во состојба да го врати заемот, заемодавецот може да одбие да ја изврши својата обврска за предавање на ветените предмети ако во време на склучувањето на договорот не го знаел тоа, како и ако влошувањето на заемопримачовите материјални прилики настанало по склучувањето на договорот. Тој е должен да ја изврши својата обврска ако заемопримачот или некој друг за него даде доволно обезбедување.

Заемодавецот е должен да му ја надомести на заемопримачот штетата што му била причинета поради материјалните недостатоци на зајмените предмети. Ако е заемот без надомест тој е должен да ја надомести штетата само ако недостатоците на предметите му биле познати или не можеле да му останат непознати, а тој за нив не го известил заемопримачот.

Заемопримачот е должен да го врати во договорениот рок истото количество предмети, од ист вид и квалитет. Ако договарачите не го определиле рокот за враќање на заемот, ниту тој може да се определи од околностите на заемот, заемопримачот е должен да го врати заемот по истекот на примерениот рок кој не може да биде пократок од два месеца сметајќи од барањето на заемодавецот да му се врати заемот.

Заемопримачот може да се откаже од договорот пред да му ги предаде заемодавецот определените предмети, но ако поради тоа би настанала каква и да било штета за заемодавецот, должен е да ја надомести.

Заемопримачот може да го врати заемот и пред рокот определен за враќање, но должен е однапред да го извести заемодавецот за својата намера и да му ја надомести штетата настаната од предвременото враќање, освен ако поинаку не е договорено.

                                                                                  НАМЕНСКИ ЗАЕМ

Ако со договорот е определена целта за која заемопримачот може да ги употреби зајмените пари, па тој ги употреби за некоја друга цел, заемодавецот може да изјави дека го раскинува договорот.

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Доколку ви е потребен правен совет контактирајте адвокат.