Договор за дар

Со договорот за дар дарувачот се обврзува да му пренесе или му предава на даропримачот во сопственост определен предмет, или му отстапува некое право, или му отпушта долг, или му презема долг без надомест.

Адвокат Сара Маркоска

8/6/20241 мин читање

man writing on paper
man writing on paper

Со договорот за дар дарувачот се обврзува да му пренесе или му предава на даропримачот во сопственост определен предмет, или му отстапува некое право, или му отпушта долг, или му презема долг без надомест.

Форма

Договорот за дар се склучува во писмена форма. Договорот за дар за движен предмет склучен во усмена форма е полноважен, ако тој е предаден на даропримачот. Кога дар се прави со договор во корист на трето лице, прифаќањето на даропримачот не мора да биде во писмена форма, освен ако предмет на договорот за дар е недвижност. Договорот за дар се изготвува од адвокат, со адвокатски печат и истиот се заверува на нотар. Постапката има неколку варијации во зависност од тоа за каков вид на договор станува збор.

Дар може да направи само лице со полна деловна способност. Дар може да прими и лице со ограничена деловна способност, како и деловно неспособно лице. Ако дарот го прими деловно неспособно лице, законскиот застапник на тоа лице може со изјава дадена на дарувачот, во рок од 30 дена да го одобри дарот.

Договорот за дар со кој дарувачот се обврзал на повремени давања, престанува со смртта на даропримачот. Во случај на смрт на дарувачот обврските од овој договор не преминуваат на неговите наследнци, освен ако неговите наследници го прифатиле овој договор.

Со договорот за дар со товар или налог дарувачот може да задржи за себе или за некој друг, некое право или може на даропримачот да му наложи нешто да направи или да му дозволи нешто на друг. Во случај даропримачот да не го изврши товарот или налогот ни во дополнителен примерен рок, дарувачот може да го раскине договорот и да бара од даропримачот да му го врати она што го примил.

Наследниците на дарувачот можат да го раскинат договорот за дар заради неизвршување на товарот или налогот, кога тоа е предвидено со договорот за дар. По смртта на дарувачот извршување на товарот или налогот можат да бараат неговите наследници или друго лице определено со договорот.

Ако во случај за извршување на товарот или налогот се потребни повеќе средства отколку што изнесува вредноста на дарот, или ако извршувањето на товарот или налогот е отежнато од било кои причини, даропримачот може да се ослободи од товар или налогот ако го врати дарот.

Дарувачот одговара за неисполнување на својата обврска, како и за задоцнување на исполнувањето, ако е тоа со намера или е од негово крајно невнимание.

Во случај на задоцнување на исполнување на паричен дар, дарувачот должи казнена камата од денот на поднесувањето на тужбата, ако поинаку не е договорено.

Дарувачот одговара за правните недостатоци на даруваниот предмет. Дарувачот одговара и за материјалните недостатоци на предмет, ако тие биле скриени, а тој знаел или можел да знае за тие недостатоци, а истите не му ги соопшти на даропримачот.

Дарувачот може да го раскине договорот и да го отповика направениот дар, во случај кога даропримачот со своето однесување кон него или на нему блиско лице, покаже крајна неблагодарност.

Дарувачот кој нема доволно средства за живот, или за издржување на лицата кои по закон е должен да ги издржува, може да го раскине договорот, а ако предметот веќе го предал на даропримачот може дарот да го отповика и да бара даропримачот да му го врати она што од примениот дар се уште се наоѓа во имотот на даропримачот.

Вообичаените, пригодните дарови, наградните дарови, како и даровите од благодарност не можат да се отповикаат. Не можат да се отповикаат ни даровите направени за добротворни и општо корисни цели.

Полноважна е одредбата на договорот за поврат на дарот во случај даропримачот да умре пред дарувачот.

Договорот за дар во кој е договорено предметот да биде предаден по смртта надарувачот мора да биде составен во форма на јавно заверена исправа.

Напомена: Горенаведеното не претставува правен совет и во никој случај не може да биде прифатен или разбран како инструкција за постапување во конкретен случај. Доколку ви е потребен правен совет контактирајте адвокат.